Врз основа на членовите 36 став1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр. 5/02), Советот на Општина Дојран на седницата одржана на 29.03.2006 година, донесе
С Т А Т У Т
НА ОПШТИНА ДОЈРАН
I. Општи одредби
Член 1
Општината Дојран ( во понатамошниот текст општината) е единица на локална самоуправа во која граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа непосредно и преку претставници во Органите на општината во согласност со Уставот , Законот за локална самоуправа, и другите закони и овој статут.
Член 2
Граѓаните на Република Македонија кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината, се жители на општина Дојран.
Подрачјето на општината е утврдено со зокон и ги опфаќа подрачјата на населените места: Нов Дојран, Стар Дојран, Фурка, Николиќ, Црничани, Сретеново, Куртамзали, Ѓопчели,Севендекли,Органџали,Чаушли ,Дурутли и Џумабос.
Член 3
Со овој статут на Општина Дојран (во натамошниот текст: Општината), во согласност со закон, се уредуваат:
- организацијата и работата на органите на Општината;
- организацијата и работењето на комисиите на Советот на Општината;
- вршењето на работите согласно начелото на супсидијарност;
- начинот на информирање на граѓаните и слободниот пристап до информации од јавен карактер;
- случаите на исклучување на јавноста од седниците на Советот на Општината;
- начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на Општината и постапување по нив;
- начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните;
- начинот на објавувањето на прописите на Советот;
- начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба;
- месната самоуправа;
- начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на Општината;
- како и други прашања од значење за Општината.
Член 4
Општината е правно лице.
Член 5
Седиштето на општината е во Стар Дојран, кеј 5-ти Ноември.
Член 6
Општината има свој празник.
Празник на Општината е 5-ти Ноември.
Член 7
Општината има право на сопственост.
Член 8
Општината има грб во вид на шпански штит, со четири полиња на кои се претставени симболите Дојрана, црквата Свети Илија, колиба и риба, со бранови од езерото.
Член 9
Општината има знаме. Знамето на општината Дојран е во две бои, сина и бела боја, распоредени по една половина во должина на знамето. На средина на знамето во горниот дел се наоѓа грбот на општината.
Член 10
Општината има печат со тркалезна форма со пречник од три (3) сантиметри, во чија средина се наоѓа грбот на општината и на чии рабови е испишано “Република Македонија - Општина Дојран”.
Печатот што го употребува Советот на општината, во вториот ред има натпис “Совет на општина “.
Печатот што го употребува Градоначалникот, во вториот ред има натпис “Градоначалник”.
Член 11
Општината може, со одлука донесена од страна на Советот на општината, да се здружува во здружение во согласност со законот.
Член 12
Општината соработува со општините од Републиката, со единици на локална самоуправа од други земји како и со меѓународни организации на локални заедници, како и да членува во меѓународни организации на локалните власти.
Општината, заради остварување на заеднички интереси и вршење на заеднички работи од нивна надлежност, може со други општини од Републиката да здружува средства и да формира заеднички јавни служби, заеднички администрартивни тела во одредени области во согласност со закон.
Член 13
Општината самостојно, во рамките на законот и овој Статут ги уредува и врши работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со Законот за локална самоуправа, или друг закон, како и работите кои не се исклучени од нејзината надлажност или не се во надлежност на органите на државната власт.
II. Организација и работење на органите на Општината
Член 14
Органи на општината се Советот и Градоначалникот.
1. Совет
Член 15
Советот на општината е представнички орган на граѓаните.
Советот на општината го сочинуваат 9 претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.
Мандатот на членовите на Советот трае 4 (четири) години.
Членот на Советот во Советот одлучува по свое уверување.
Членот на Советот не може да биде отповикан.
а) Надлежност
Член 16
Советот на општината во согласност со закон ги врши следните работи:
1.Донесува Статут на општината.
2.Донесува Деловник на Советот.
3.Донесува Програма за работа.
4.Донесува Буџет на општината и годишна сметка на општината.
5.Ја утврдува висината на стапките и даноците и висината на надоместоците и таксите.
6.Донесува Генерален урбанистички план.
7.Донесува детални урбанистички планови и урбанистичка план за село и урбанистички план вон населено место во општината .
8.Донесува Годишна Прорама за изработување на Урбанистичките планови;
9.Донесува Програма за уредување на градежно земјиште.
10.Донесува Програма за одржување на уреденото градежното земјиште;
11,Донесува Програма за одржување на сообраќајната сигнализација;
12.Донесува Одлука за регулирање на режимот и сообраќајот;
13.Донесува прописи од областа на заштита на животната средина и природата, локалниот економски развој, културата, спортот и рекреацијата, социјалната заштита и заштита на децата, образованието, здравствената заштита, противпожарната заштита, во рамките на надлежноста определена со посебен закон или во согласност со Националната програма;
14.Донесува Програма за изградба и одржување на локални патишта и улици;
15.Донесува Програма за јавно осветлување;
16.Донесува Програма за изградба, реконструкција и одржување на локални водоводи;
17.Донесува Програма за одржување на јавна чистота;
18.Донесува Програма за одржување и користење на парковите и други јавни површини од локално значање;
19.Донесува Програма за одржување на гробиштата;
20.Донесува Праграма за одржување и користење на реките во урбанизирани подрачја;
21.Донесува Одлука за јавна чистота;
22.Донесува Одлука за начинот на превоз во градскиот и приградскиот сообраќај;
23.Донесува Одлука за одржување и користење на јавните пазаришта;
24.Донесува Одлука за начинот на користење и одржување на гробиштата;
25.Го уредува начинот на чистање на оџаците;
26.Го уредува одржувањето на јавниот простор за паркирање и начинот на негово користење;
27.Определува имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти од локално значење;
28.Ја утвдува организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација, на предлог на Градоначалникот;
29.Основа јавни служби и врши надзор на нивната работа;
30.Именува членови во Управните одбори на јавните служби, кои ги основа ;
31.Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала;
32.Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значање, во согласност со закон;
33.Ги усвојува извештаите за работа и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала;
34.Одлучува за начинот за располагање со сопственоста на оштината;
35.Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на Буџетот на општината, во согласност со законот;
36.Го избира лицето кое раководи со Подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со законот;
37.Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавна безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до Министерот за внатрешни работи и Народниот Правобранител;
38.Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од одласта на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот;
39.Избира и разрешува претседател на Советот;
40.Формира постојани повремени комисии;
41.Врши одделни овластувања во согласност со закон врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на подрачјето на општината;
42.Востановува општински признанија и награди;
43.Дава мислење по предлог законите кои се однесуваат на општината ;
44.Врши други избори и именувања од своја надлежност;
45.Донесува други одлуки за работите од своја надлежност;
46.Врши и други работи;
б) Конституирање
Член 17
Конституирањето на Советот, се врши со верификација на мандатот на членовите на Советот избрани на начин утврден со закон и со давање и потпишување на свечаната изјава со содржина утврдена со закон.
Верификацијата на мандатите на членовите на Советот се врши на првата конститутивна седница на Советот, по предлог на Комисија за прашања на верификација, избори и именувања што се формира на почетокот на седницата од редот на новоизбраните членови на Советот.
Верификацијата на мандатите на членовите на Советот кои не биле присутни на првата седница на Советот, ја врши Советот на првата седница на која што тие ќе присуствуваат.
Постапката за верификација на мандатите на членовите на Советот поблиску се уредува со Деловникот.
в) Права и должности на членовите на Советот
Член 18
Членот на Советот има права и должности утврдени со закон и со овој Статут.
Членот на Советот се стекнува со своите права и должности по верификацијата на мандатот.
Член 19
Членот на Советот има право и должност:
- да предлага претресување на прашања, појави и состојби што се од локално значење, како и од значење за граѓаните во Општината;
- да дава иницијативи за донесување на одлуки и други акти од надлежност на Советот, како и да предлага амандмани, на начин и по постапка предвидени во Деловникот;
- да бара од администрацијата на Општината (во натамошниот текст: администрација), како и од јавните служби, установи и претпријатија и од други институции, основани од Општината, податоци и други информации за прашања од нивниот делокруг, а што му се потребни за неговата работа во Советот;
- да бара и добие стручна помош во изработувањето на предлози што тој му ги поднесува на Советот, во поставувањето на советнички прашања и во вршењето на други работи што му ги доверил Советот, односно комисија во која членува;
- да ги чува како тајна податоците, кои се класифицирани како такви, што ќе ги дознае на седница на Советот или на комисија.
Член 20
Членот на Советот има право да присуствува и учествува во работата на седница на комисија на Советот, иако не е член на комисијата, но без право на одлучување.
Член 21
Членот на Советот кој од оправдани причини е спречен да присуствува на седници на Советот и на на комисија чиј член е, должен е за тоа благовремено да го извести претседателот на Советот и претседателот на комисијата.
Членот на Советот кој од оправдани причини подолго време е спречен да присуствува на седници на Советот и на комисија чиј член е, има право да побара од Советот одобрение за отсуствување од седниците.
По барањето од ставот 2 на овој член, Советот одлучува без претрес.
г) Претседател на Советот
Член 22
Претседателот на Советот го избира Советот со јавно гласање, со мнозинство гласови од вкупниот број членовите на Советот.
Предлог за претседател на Советот може да даде секој член на Советот.
Изборот на претседател на Советот може да се изврши и со тајно гласање, доколку за таков предлог на член на Советот одлучи Советот со мнозинство од присутните членови на Советот.
Постапката за избор на претседател на Советот со тајно гласање се уредува со Деловникот.
д) Начин на работа
Член 23
Советот работи на редовни седници, а по потреба може да одржува свечени и вонредни седници.
Седниците на Советот се свикуваат по потреба , но најмалку еднаШ на три месеци. Денот, часот и местото на одржување на седниците на Советот , како и предлогот на дневниот ред задолжително се објавува најмалку 7 (седум) дена пред денот на одржувањето на седницата со доставување на соопШтение или покана од претседателот на Советот до сретствата за јавно информирање и со истакнување на огласна табла во просториите на Советот и населените места во општината.
Член 24
Денот, часот и местото на одржување на редовната седница на Советот, како и предлогот на дневниот ред по кој Ќе се работи на седницата задолжително се објавува најмалку 7 (седум) дена пред денот на одржувањето на седницата со истакнување на огласна табла во просториите на општината и населените места во општината.
Претседателот на Советот може да одлучи денот, часот и местото на одржување на седницата на Советот, како и предлогот на дневниот ред да се објават во средствата за јавно информирање.
Член 25
Советот одржува свечени седници за одбележување на значајни историски настани, а може да одржува свечени седници и за ислушување на говори на наши и странски државници, претставници на меѓународни организации и истакнати граѓани на странски држави како гости на Општината.
Член 26
Вонредна седница се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните и во случаи на вонредни околности.
Вонредна седница на Советот свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива или на барање од најмалку 1/3 од членовите на Советот или на предлог на градоначалникот.
Поканата за вонредна седница заедно со предлогот на дневен ред на членовите на Советот им се доставува на најбрз можен начин.
Пред отпочнувањето со работа на седницата, членовите на Советот гласаат за оправданоста на причините за свикување на вонредна седница, без претрес и со мнозинство од присутните членови на Советот.
Член 27
Во случај на спреченост или отсутност на претседателот на Советот, на седницата претседава најстариот член на Советот.
Член 28
Советот може да одлучи со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, гласањето по определени прашања да биде тајно.
Член 29
Свикувањето на седниците на Советот, утврдувањето на дневниот ред, текот на седницата, записниците, постапката за донесување на акти и други прашања сврзани со работата на Советот, поблиску се уредуваат со Деловникот.
2. Градоначалник
Член 30
Градоначалникот ја претставува и застапува општината.
Градоначалникот се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со закон за период од 4 (четири ) години .
Градоначалникот својата функција ја извршува професионално.
Член 31
Градоначалникот во рамките на своите надлежности :
- иницира и предлага донесување на прописи ид надлежност на Советот на општината
- го обезбедува извршувањето на работите кои му се делегирани од органот на државната управа.
- го предлага годишниот Буџет и годишната сметка на Буџетот на општината.
- го извршува Буџетот на општината.
- Решава во управни работи за права, обрски и интереси на правни и физички лица, во согласност со закон.
- Раководи со општинаската администрација.
- Донесува Правилник за систематизација на работните места на општинаската администрација.
- Одлучува за вработувањета, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинаската администрација доколку поинаку нее определено со закон.
- Избира директори на јавните служби кои ги основала општината врз основа на јавен конкурс ;
- Врши и други работи утврдени со закон и со овој Статут.
Член 32
Градоначалникот ги објавува и прописите на Советот во Службен Гласник на општината .
Градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот.
Член 33
Градоначалникот е должен во рок од 7 ( седум) дена од денот на доставувањето на прописот на Советот со решение да го запре неговото објавување доколку смета дека е во несогласност со Уставот и законите.
Примерок од образложеното решение за необјавување се доставува до претседателот на Советот на општината .
Советот е должен, во рок од 15 ( петнаесет) дена од денот на објавувањето на решението да го разгледа и да одлучи по него.
Ако Советот го потвди прописот или не расправал по него во рокот од став 3 од овој член, Градоначалникот е должен да го објави прописот во реок од 7(седум) дена и доколку не го објави во истиот рок ќе се смета за објавен и истовремено ќе поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставност и законитост на оспорениот пропис пред Уставниод Суд на Република Македонија.
За иницијативата Градоначалникот е должен да го информира Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Член 34
Градоначалникот присуствува и учествува во работата на седниците на Советот, а по потреба и на седниците на комисиите на Советот и посебните тела на општината, без право на одлучување.
Градоначалникот може да определи и свои претставници кои присуствуваат и учествуваат во работата на седниците на Советот, неговите комисии и посебните тела на Општината.
Член 35
Градоначалникот, по сопствена иницијатива и по барање на Советот, го известува Советот за извршување поодделни работи од негова надлежност.
Член 36
Градоначалникот обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината.
Градоначалникот управува со сопственоста на општината во јавен интерес и како добар домаќин.
Градоначалникот е должен, во управувањето со сопственоста на Општината, да презема мерки и да го обезбедува користењето, одржувањето и заштитата на сопственоста на општината во согласност со закон и овој статут.
Член 37
Градоначалникот соработува со градоначалниците на другите општини по прашања од заеднички интерес од надлежност на општините.
Член 38
Градоначалникот со решение определува член на Советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство.
Решението од став 1 на овој член градоначалникот го донесува во рок од 30 дена од денот на преземањето на функцијата.
Решението од став 1 на овој член се објавува во “Службен гласник на Општина Дојран”.
За настапувањето на спреченоста или отсуството, градоначалникот го известува претседателот на Советот и членот на Советот кој ќе го заменува.
Општинска администрација
Член 39
За извршување на работите од надлежност на Органите на општината се организира Општинска администрација, во сектори и одделенија.
Член 40
Организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на Општинската администрација се утврдува со Одлука на Советот на општината врз основа на предлог на Градоначалникот.
Член 41
Советот на општината со Одлука ја утврдува потребата за основа или укинување на заеднички административни тела за извршување на одделни надлежности со други општини на начин и постапка утврдена со закон.
3. Посебни тела на Општината
Член 42
а) Совет за заштита на потрошувачите
Во Општината се формира Совет за заштита на потрошувачите.
Советот за заштита на потрошувачите е составен до 7(седум) членови, претставници на поголемите групи на корисници на јавните услуги во општината.
Членовите на Советот за заштита на потрошувачите не може да се избираат од редот на членовите на Советот на Општината.
Член 43
Одлука за формирање на Советот за заштита на потрошувачите донесува Советот на Општината, на предлог на Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања.
Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања го составува предлогот од став 1 на овој член по претходно добиени предлози на облиците на месна самоуправа во Општината.
Член 44
Советот за заштита на потрошувачите од редот на своите членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот за заштита на потрошувачите, со јавно гласање.
Член 45
Советот за заштита на потрошувачите работи на седници.
Седниците по правило се јавни.
Седниците ги свикува и со нив раководи претседателот на Советот за заштита на потрошувачите.
Советот за заштита на потрошувачите може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на Советот за заштита на потрошувачите.
Советот за заштита на потрошувачите одлучува со мнозинството од вкупниот број членови на Советот за заштита на потрошувачите.
На седниците на Советот за заштита на потрошувачите можат да присуствуваат и учествуваат во работата градоначалникот и претседателот на Советот на Општината, без право на одлучување.
Член 46
Советот за заштита на потрошувачите разгледува прашања и утврдува предлози кои што се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби на Општината, а особено:
- ја следи состојбата на давањето на услуги од јавните служби;
- се грижи за решавање на проблемите што граѓаните ги имаат при користење на услугите од претпријатијата и установите што вршат јавни услуги;
- се грижи за унапредување на односот на вработените кај давателите на услуги кон корисниците на услугите;
- организира јавни трибини и други форми на учество на граѓаните на кои ќе се расправа за унапредување на заштитата на потрошувачите.
б) Партиципативно тело од областа на урбанизмот
Член 47
Во Општината се формира Партиципативно тело од областа на урбанизмот, заради пренесување на ставовите и мислењата на граѓаните и правните лица во процесот на урбанистичкото планирање, како и заради следење на состојбите и давање иницијативи насоки и сугестии во процесот на планирање и изготвување плански решенија за Општината.
Партиципативно тело од областа на урбанизмот се состои од 5 членови.
Член 48
Одлука за формирање на Партиципативно тело од областа на урбанизмот донесува Советот, на предлог на Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања.
Членовите на Партиципативно тело од областа на урбанизмот се избираат:
- од редот на членовите на Советот;
- по предлог на облицита на месна самоуправа;
- по предлог на здруженијата на граѓани;
- здруженија на стручни лица од областа на урбанизмот и
- од општинската администрација.
Член 49
Партиципативно тело од областа на урбанизмот од редот на своите членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Партиципативното тело, со јавно гласање.
Член 50
Партиципативно тело од областа на урбанизмот работи на седници.
Седниците по правило се јавни.
Седниците ги свикува и со нив раководи претседателот на Партиципативно тело од областа на урбанизмот.
Партиципативно тело од областа на урбанизмот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови.
Партиципативно тело од областа на урбанизмот одлучува со мнозинството од вкупниот број членови.
На седниците можат да присуствуваат и учествуваат во работата градоначалникот и претседателот на Советот, без право на одлучување.
III. Организација и работење на комисиите на Советот на Општината
Член 51
За претресување на прашања од своја надлежност Советот од својот состав формира комисии.
Комисиите на Советот се формираат како постојани и повремени.
Мандатот на постојаните комисии трае колку и мандатот на членовите на Советот.
1. Комисии на Советот
Член 52
Советот ги образува следните постојани комисии:
- Комисија за прашања на верификација, избори и именувања,
- Комисија за финансии и локален економски развој,
- Комисија за планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина и природата,
- Комисија за комунални работи и сообраќај,
- Комисија за јавни дејности,
- Комисија за угостителство и туризам , и
- Комисија за мегугранична соработка
- Комисија за Статут и прописи
Делокругот на комисиите од став 1 на овој член се определува со деловник на Советот.
Советот може да образува и повремени комисии, чиј состав и делокруг се определува со актот за нивното формирање.
2. Состав, избор и начин на работа на комисиите
Член 53
Комисиите на Советот се состојат од претседател и 4 члена.
Член 54
Избор на претседател и членови на комисија на Советот се врши на предлог на Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања.
Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања го дава предлогот од став 1 на овој член врз основа на претходно доставени предлози на политичките партии застапени во Советот, при што води сметка за примена на принципот за нивна пропорционална застапеност во комисиите, имајќи го предвид вкупниот број на комисиите на Советот.
Изборот на претседател и членови на комисија се врши со мнозинство од присутните членови на Советот.
Член 55
Предлог за разрешување на претседател и членови на комисија може да даде комисијата, Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања, најмалку 3 (три) членови на Советот и претседателот на Советот.
По предлогот за разрешување одлучува Советот, со јавно гласање, со мнозинство на присутните членови на Советот.
Член 56
Избор заради промена на поодделен член на комисија се врши на предлог на Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања, при што не може да се наруши принципот на пропорционална застапеност на партиите во комисиите.
Член 57
Комисијата работи на седници.
Дневниот ред на седницата на комисијата се утврдува на почетокот на седницата.
Член 58
Комисијата може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството членови на комисијата.
Комисијата одлучува со мнозинство гласови на присутните членови.
Член 59
Ако одлучи да му поднесе извештај или предлог на Советот, комисијата определува свој известител, кој по налог на комисијата, по сопствена иницијатива или по барање на Советот, на седницата на Советот ќе го образложи ставот или предлогот на комисијата.
Член 60
На седницата на комисијата задолжително присуствува претставник на предлагачот на материјалот што се разгледува.
Претставникот на предлагачот има право на седницата на комисијата да учествува во разгледувањето на предлогот што го поднел.
Член 61
Комисијата има право од предлагачот да бара известување, појаснување, како и други податоци што и се потребни за работа, а со кои предлагачот располага или е должен да ги собира и евидентира.
Член 62
На седниците на комисијата може да присуствуваат и да учествуваат претставници на органи, организации, заедници и здруженија, како и научни, стручни и јавни работници, заради изнесување на нивни мислења по прашањата што се разгледуваат на седницата на комисијата.
Поканата до лицата од ставот 1, ја доставува претседателот по претходна консултација со членовите на комисијата.
IV. Вршење на работи според начелото на супсидијарност
Член 63
Општината, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, има право на своето подрачје да спроведува иницијативи во врска со сите прашања од значење за Општината, што не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.
Определувањето на работите од став 1 на овој член, дефинирањето на нивната содржина, начинот и постапката на нивното вршење се уредуваат со посебни одлуки на Советот, по предлог на градоначалникот.
Член 64
Општината може да доделува награди.
Наградите се доделуваат како знак на признание за постигнати остварувања што претставуваат посебен придонес за развој на Општината и за нејзиниот севкупен напредок и афирмација во областа на економскиот развој, науката, уметноста, културата, образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други области.
Член 65
Наградата може да се доделува на физички и правни лица од Општината, Републиката и од други држави, како и на меѓународни организации и асоцијации или нивни претставници.
Член 66
Советот формира одбор за доделување на наградата.
Работата на одборот поблиску се уредува со одлука на Советот на Општината.
Средства за наградата и за работа на одборот се обезбедуваат од Буџетот на Општината и од други извори на приходи.
Член 67
Општината може да востановува други награди и признанија.
V.Информирање на граѓаните и слободен пристап до информации од јавен карактер
а) Информирање на граѓаните
Член 68
Органите на Општината, комисиите на Советот на Општината и јавните претпријатија и установи основани од Општината ги информираат граѓаните за одлуките и своите активности кои се од непосредно значење за животот и работата на граѓаните во Општината и за други информации од јавен интерес.
Граѓаните се информираат за:
- прописите кои ги донесува Советот на Општината;
- начинот и условите за остварување на нивните права;
- обврските на граѓаните кои произлегуваат од надлежност на Општината;
- плановите, проектите и програмите кои се во подготовка а се од значење за развојот на Општината;
- услугите кои ги добиваат од јавните служби и градската администрација и начинот на нивно добивање;
- приходите кои се остваруваат во Општината и начинот на нивна распределба и трошење;
- јавните набавки;
- именувањето на директори и претставници во управните одбори на јавните претпријатија и установи;
- други информации кои произлегуваат од надлежноста на органите на Општината и јавните претпријатија и установи во согласност со закон.
Член 69
Информирањето на граѓаните се врши редовно, без надоместок, преку:
- издавање службен гласник на Општината;
- издавање и дистрибуција до граѓаните на месечни информативни билтени;
- објавување на публикации;
- информативни канцеларии водени од општинската администрација и јавните служби основани од Општината;
- огласни табли (во простории на Општината, јавните претпријатија и установи, месната самоуправа);
- веб сајт;
- јавни трибини;
- средствата за јавно информирање и
- на друг соодветен начин кој е најповолен за информирање на јавноста.
Член 70
Советот на Општината со посебна одлука може да утврди за одредени информации да се информира и на јазикот кој не е службен јазик во Општината, а го зборуваат дел од жителите на Општината.
б) Слободен пристап до информациите од јавен карактер
Член 71
Во Општината се обезбедува правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат органите на Општината (Советот и градоначалникот), јавните претпријатија и установи основани од Општината и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања доверени од Општината (во натамошниот текст: иматели на информации).
По исклучок, во случаи утврдени со закон, правото на слободен пристап до некои информации со кои располагаат имателите на информации од став 1 на овој член, може да биде ограничен или да се обезбеди делумен пристап.
Член 72
За информации со кои располагаат и до кои се обезбедува слободен пристап, имателите на информации востановуваат и водат листа на информации која се објавува на начин кој е достапен за барателите на информации.
За листата на информации и условите и начинот на слободен пристап до информациите, граѓаните се известуваат преку огласна табла или на друг погоден начин.
Имателите на информации се должни редовно на секои три месеци да ја ажурираат листата на информации од јавен карактер со кои располагаат.
Листата на информации од јавен карактер за органите на Општината ја предлага градоначалникот, а ја утврдува Советот.
Листата на информации од јавен карактер за јавните претпријатија и установи основани од Општината ја утврдува управниот одбор на предлог на директорот.
Член 73
Постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации се остварува во согласност со закон.
Градоначалникот на Општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат Советот на Општината и администрацијата.
Директорот на јавното претпријатие и јавната установа основана од Општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат согласно статутот на претпријатието и установата.
Член 74
Слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат имателите на информации имаат сите правни и физички лица (во натамошниот текст: барател на информацијата).
Слободниот пристап до информации се остварува во законски утврдениот рок:
- со увид во документите со кои располага имателот на информацијата;
- со добивање препис, фотокопија или електронски запис од документите со кои располага имателот на информацијата.
Имателот на информацијата за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите определува службено лице.
Член 75
Барателот на информацијата за извршениот увид или добиениот препис, фотокопија од електронски запис на информацијата, плаќа соодветен надоместок во висина на материјалните трошоци, утврдени на начин уреден со закон.
Барателот на информацијата при поднесувањето на барањето се известува за плаќањето и висината на соодветниот надоместок.
Член 76
Барателот на информација има право на жалба до надлежниот орган за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер доколку имателот на информацијата не ја достави бараната информација.
Член 77
Советот на Општината усвојува годишен извештај за остварувањето на правото на слободен пристап до информациите во минатата година во Општината.
Годишниот извештај за остварувањето на слободен пристап до информации го подготвува градоначалникот на Општината и го доставува до Советот, најдоцна до 31 јануари во тековната година.
Извештајот од став 1 на овој член ги содржи и податоците за остварениот слободен пристап до информациите со кои располагаат и јавните служби кои ги формира Општината.
Извештајот од ставот 1, по усвојувањето се доставува до надлежниот орган за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
VI. Исклучување на јавноста од седниците на Советот
Член 78
Советот може да работи без присуство на јавноста само во случаи определени со закон и овој статут, како и кога тоа ќе го предложат градоначалникот, претседателот на Советот или најмалку 1/3 (третина) членови на Советот.
Исклучувањето на јавноста може да се бара, кога прашањето за кое се расправа има допирни точки со јавниот морал; кога може да ги загрози интересите на определена личност или има допирни точки со одбраната и сигурноста на граѓаните .
По предлогот од став 1 на овој член, Советот одлучува без претрес, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
VII. Претставки и предлози
Член 79
Физичките и правните лица имаат право да поднесуваат претставки и предлози што се однесуваат на работата на органите на Општината и администрацијата.
Член 80
Претставките и предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник пред овластено лице во администрацијата.
За претставките и предлозите не се плаќа такса.
Член 81
Подносителот не смее да трпи штетни последици поради поднесувањето претставка или предлог, ниту поради тоа може да биде повикан на одговорност.
Член 82
Градоначалникот, во зависност од содржината на претставката, односно предлогот овластува еден или повеќе службеници да постапат по претставката, односно предлогот.
Постапувањето по претставката, односно предлогот опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на основаноста на претставката или за оправданоста на предлогот, како и преземање на потребни мерки за отстранување на евентуална повреда на правото на подносителот или повреда на јавен интерес.
Член 83
Градоначалникот е должен во што е можно покус рок, а најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави одговор.
VIII. Јавни трибини, анкети и предлози од граѓаните
Член 84
Органите на Општината, заради утврдување политика во определена област, преземање мерки за разрешување на прашања и проблеми од значење за граѓаните од подрачјето на Општината, како и при предлагање на одредени акти од своја надлежност може да организираат јавна трибина, да спроведат анкета или да прибираат предлози од граѓаните.
Видот, постапката, начинот и времето на организирање на формите на непосредно учество на граѓаните од став 1 на овој член се уредува со акт на органот што ја организира.
За организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните се објавувава соопштение во средствата за јавно информирање, во кое се назначува видот, целта, предметот и други податоци важни за организирање на соодветната форма на непосредно учество на граѓаните и се повикуваат заинтересираните за учество во истите.
Организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните, може да се врши во соработка со други општини и со облиците на месна самоуправа.
За јавната трибина, анкетата или предлозите на граѓаните се изготвува извештај.
Член 85
При организирање јавна трибина, спроведување анкета и прибирање предлози од граѓаните ќе се обезбеди:
- текст на документот или нацрт на одлука и друг општ акт објавен на погоден начин за да им биде достапен на граѓаните и на други заинтересирани субјекти;
- собирање и разгледување на мислењата и предлозите што биле изнесени и
- изготвување на извештај.
Член 86
Начинот и постапката на организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните се уредува со Деловникот.
IX. Извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба
Член 87
Во воена состојба, органите на Општината:
- продолжуваат да ги извршуваат работите утврдени со закон и
- преземаат мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра на своето подрачје од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив.
Општината се подготвува за извршување на обврските од став 1 на овој член преку:
- планирање и организирање на мерките за заштита и спасување за свои потреби;
- формирање единици и штабови за цивилна заштита, во согласност со закон и прописи засновани на закон;
- обучување за одбрана, односно вклучување во активности за стекнување на неопходни воено-стручни и други знаења за учество во одбраната;
- преземање мерки, активности и постапки за заштита и чување на тајноста на податоците, информациите и документите од областа на одбраната, во согласност со закон и прописи засновани на закон;
- координација и соработка со другите општините.
X. Начин на објавување на прописите на Советот
Член 88
Прописите на Советот се објавуваат во службеното гласило на Општината, пред да влезат во сила.
Службено гласило на Општината е “Службен гласник на Општина Дојран”.
Во службеното гласило на Општината може да се објавуваат и прописи на други општини.
Член 89
Прописите на Советот влегуваат во сила, осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општината”, а по исклучок што го утврдува Советот, најрано со денот на објавувањето.
Прописите на Советот можат да влезат во сила и во покус рок од осум дена ако:
- причините поради кои се предлага донесувањето на прописот и целите што се сака да се постигнат со неговото донесување се од итен и неодложен карактер;
- не создаваат материјални обврски за граѓаните и правните лица;
- прашањата што се регулираат се од сферата на одбраната, заштитата и спасувањето и сл.;
- тоа го налагаат начелата на целисходност, рационалност, ефикасност, економичност, оперативност и сл.
XI. Сопственоста на општината
Член 90
Сопственоста на општината ја сочинуваат подвижни и неподвижни ствари, парични средства и права.
Сопственоста општината ја стекнува од сопствени извори на приходи, по пат на финансирање од граѓаните или со нивно учество на друг начин, од подароци и по други основи.
Член 91
За купување, отуѓување и оптоварување на сопственоста на општината одлучува Советот на општината .
Отуѓување на сопственоста на општината се врши само по пат на јавно надавање, согласно законот.
Продажната цена на стварите не смее да биде помала од нивната пазарна вредност.
Сретствата добиени од продажбата на стварите може да се инвестира само за стекнување на нови или реконструкција на постојни ствари во сопственост на општината .
Член 92
Општината ја евидентира својата сопственост и нејзината проценка се искажува во годишната сметка.
Член 93
Стварите во сопственост на општината можат да се дадат на користење на други субјеки по пат на јавно надавање, во согласност со законот.
Член 94
Општината се финанасира од сопствени извори на приходи, локални даноци, надоместоци и такси утврдени со закон, донации од државата и други извори на приходи утвдени со закон.
Општината во рамките на своите надлежности, самостојно располага со сопствените извори на приходи.
Член 95
Приходите и трошците на општината се утврдуваат со Буџетот на општината.
Буџетот на општината содржи биланс на приходите и трошоците на Буџетот, а се однесува за фискална година од 12 (дванаесет) месеци која почнува од 1-ви јануари, а завршува на 31-ви декември од секоја календарска година.
Член 96
Предлогот на Буџетот на општината го утвдува Градоначалникот и го доставува до Советот на општината за донесување не подоцна од средината на месец ноември.
Советот на општината не може да го разгледува предлогот на Буџетот на општината пред истекот на 20(двасет) дена од денот на доставувањето до советниците на Советот на општината.
Член 97
За секоја промена на Буџетот на општината, за дополнително усвоените трошоци пропратено со мерки што ќе ги зголемат предложените приходи или ќе ги намалат другите трошоци во сразмерен износ, одлука донесува Советот на општината.
Член 98
За покривање на непредвидените барања за трошоци кои ќе се појават во текот на Буџетската година, од вкупните тековни и капитални трошоци се издвојува Буџетска резерва во висина утврдена со закон.
За користење на сретствата од Буџетската резерва одлучува Советот на општината по предлог на Градоначалникот на општината.
Советот на општината со одлука може да го обвласти Градоначалникот за начинот на користење на Буџетската резерва .
Член 99
До колку Буџетот на општината за наредната година не биде донесен до 31-ви декември во тековната година ќе се постапи соглсно законот за Буџетите и се воведува времено финансирање и тоа најдолгу до 31 март наредната година.
Член 100
На крајот на секоја фискална године се изготвува годишна сметка на Буџетот на општината.
Годишната сметка на Буџетот, Советот на општината треба да ја усвои најдоцна до 31-ви март во тековната година, за претходната година.
Член 101
Буџетот и годишната сметка на буџетот на општината се усвојува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.
Член 102
Извршувањето на Буџетот на општината го врши Градоначалникот, а поконкретно се уредува со одлуката за извршување на Буџетот на општината.
XII .Месна самоуправа
Член 103
Граѓаните во општината одлучуваат за работите од непосредно и секојдневно значење од својот живот и работа и преку облици на месна самоуправа кои можат да ги основаат согласно со овој Статут.
Член 104
Во општината како облици на месна самоуправа можат да се основаат:
- во градот - урбани заедници;
- во населените места - месни заедници.
Член 105
Подрачјето за кое се основаат урбаните заедници се границите на урбаните единици утврдени со урбанистичкиот план на градот.
Подрачјето за кое се основаат месните заедници се границите на катастарските општини на населените места.
Член 106
Иницијатива за основање облици на месна самоуправа можат да покренат најмалку 10 % од граѓаните, жители на подрачјето за кои има интерес за основање на облик на месна самоуправа.
Член 107
Иницијативата за основање содржи: подносител, опис на подрачјето за кое се бара основање на обликот на месна самоуправа, образложение на потребите за основање и потпис на заинтересираните граѓани.
Член 108
Одлуката за основање на облик на месна самоуправа се донесува на Собир на граѓани од соодветното подрачје по пат на јавно гласање со мнозинство гласови од присутните граѓани.
Собирот на граѓани од претходниот став на овој член го свикува градоначалникот на општината, во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одлуката.
Член 109
Граѓаните преку облиците на месна самоуправа, во согласност со овој Статут и одлуките за основање се грижат за:
- решавање на прашања од комунална инфрастрктура за соодветното подрачје;
- одржување на објектите од јавен интерес (водоводи, улици, културни домови, спортски објекти и др.);
- заштита на животната средина и природата;
- уредување и одржување на гробиштата во селските населби;
- покренување иницијатива за уредување на просторот;
- организирање културни, спортски, забавни и други манифестации; и
- други работи од непосредно секојдневно значење за животот и работата на граѓаните.
Советот на облиците на месната самоуправа дава иницијативи и предлози до надлежните органи на општината, за прашања од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и други прашања од интерес на граѓаните.
Член 110
Работите од членот 109 на овој Статут се финансираат од:
- средствата што општината ќе им ги одстапи на облиците на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој;
- средства што граѓаните непосредно ги здружуваат;
- средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица;
- средства од надомест на услуги; и
- подароци и други средства.
Прибирањето и трошењето на средствата за од ставот 1 се врши преку буџетот на Општината.
Член 111
Орган на облиците на месна самоуправа е Советот.
Советот на облиците на месна самоуправа го избираат граѓаните на обликот на месната самоуправа на собир на граѓани со јавно гласање, доколку Собирот не одлучи гласањето да биде тајно .
Советот на облиците на месна самоуправа е составен од 3 (три) до 7 (седум) члена.
Мандатот на членовите на Советот на месната самоуправа трае 4 (четри) години.
Член 112
Одлука за распишување на избори за членови на Советот на облиците на месна самоуправа донесува Советот во стариот состав, најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот.
Ако Одлуката од став 1 на овој член не се донесе во утврдениот рок Одлука за распишување за избор на членови на Советот на облиците на месната самоуправа, донесува Собирот на граѓани.
Член 113
Предлагање и утврдување на кандидати за членови на Советот на облиците на месна самоуправа се врши на Собир на граѓани, доколку присуствуваат најмалку 10 % од граѓаните, жители на соодветната месна заедница.
За утврдени се сметаат кандидати кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на собирот.
Член 114
Постапка за предлагање, утврдување и избор на членови на Советот на облиците на месна самоуправа поблиску се уредува со правилата за работа на обликот на месна самоуправа, донесени од Советот на општината.
Член 115
За избрани членови на Советот на облиците на месна самоуправа се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство односно најголем број на гласови од избирачите кои гласале.
Член 116
Советот на облиците на месна самоуправа од редот на своите членови избира претседател кој го претставува и застапува обликот на месната самоуправа.
Член 117
Градоначалникот на општината, со решение може да делегира вршење на определена работа од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, по претходна согласност на претседателот на Советот на обликот на месната самоуправа.
Средствата потребни за извршување на работите, од ставот 1 на овој член се утврдуваат во решението за делегирање на надлежноста.
Со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над извршувањето на работите од ставот 1 на овој член.
Член 118
Општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствено финансиските работи на органот во обликот на месната самоуправа.
Контрола над трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности врши општинската администрација.
Член 119
Општината води евиденција на облиците на месна самоуправа основани на нејзиното подрачје.
XIII. Начин и постапка за утврдување на грбот и знамето
Член 120
Грбот и знамето на општината се утвдуваат со одлука на Советот на општината.
За утвдување на грбот и знамето на општината, Советот на општината распишува конкурс и образува комисија.
Член 121
Комисијата од пристигнатите трудови по објавениот конкурс утврдува предлог за грб, односно знаме на општината е составен дел на Сатутот на општината на усвојување.
Член 122
Советот на општината со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот одлучува по предлог на комисијата.
Одлуката на Советот за утвдување грб, односно знаме на општината е составен дел на Статутот на општината.
Член 123
Грбот на општината се употребува во состав на печатот на општината.
Грбот на општината може да се употребува и на официјални покани, честитки и на слични акти што ги користат Советот и Градоначалникот на Општината.
Советот на општината може да одобри употреба на грбот на општината на физички и правни лица, ако оцени дека е во интерес на општината.
Член 124
Знамето на општината се истакнува на зградата на општината и на видни места во општината.
Знамето на општината може да се истакнува и при меѓународни средби, натпревари и други собири на кои учествува или е презентирана општината.
Член 125
Грбот и знамето на општината не смеат да се употребуваат ако се оштетени или со својот изглед се неподобни за работа.
XIV. Изменување и дополнување на Статутот
Член 126
Иницијатива за изменување и дополнување на Статутот на Општината може да поднесе член на Советот, комисија на Советот и други субјекти.
По иницијативата за изменување и дополнување на Статутот одлучува Советот.
Член 127
По прифаќањето на иницијативата за изменување и дополнување на Статутот, градоначалникот изготвува предлог на статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот.
XV. Преодни и завршни одредби
Член 128
Имателите на информации од членот 71 на овој статут се должни во рок од шест месеци од денот на донесувањето на овој статут да ја донесат и објават листата на информации од членот 72 на овој статут.
Член 129
Градоначалникот на Општината во рок од три месеци од денот на донесувањето на овој статут, согласно актот за организација на општинската администрација, ќе распореди државен службеник од администрацијата кој ќе ги извршува работите на посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Член 130
Во рок од 3 месеци од денот на влегување во сила на овој статут, Општината ќе ги воведе во евиднеција постојните облици на месна самоуправа, основани во согласност со статутот на Општината.
Член 131
Со влегување во сила на овој статут престанува да важи Статутот на Општина Стар Дојран (“Службен гласник на Општина Стар Дојран” , бр.16/03 ),Измени и дополнувања (“Службен гласник на Општина Стар Дојран”),бр.25/03.
Член 132
Овој статут влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Дојран”.
Број 07-149/3
2006 година
Стар Дојран
|